Последните испитувањата што вообичаено ги спроведува Центарот за здравје од Охрид пред почетокот на главната туристичка сезона покажуваат дека водата во Охридското Езеро е со висок квалитет и безбедна за капење и рекреација.
– Направени се физичко-хемиски и микробиолошки анализи на 40 примероци вода. На потегот од Свети Наум до плажата Парк водата е од прва категорија. Мала деградација од втора класа е кај примероците вода земени околу пристаништето во Охрид, каде има повеќе фрекфенција на пловни објекти. Слична е во состојбата со квалитетот на водата и на струшкиот дел од крајбрежјето, со прва класа на сите места освен кај Калишта и на местата на вливот на притоките во езерото, истакна Сашо Точков од Центарот за јавно здравје.
Тој нагласи дека и овојпат испитувањата покажаа дека најголеми загадувачи стандардно се притоките Велгошка, со 4-та односно 5-та класа, како и Сатеска и Коселска река со втора односно трета класа. Голем загадувач е и реката Черава на аабанскиот дел на езерото кај селото Тушемиште, која е со вода од 4-та односно 5-та класа.
Што се однесува до јавните чешми во Охрид и околината, кај сите водата е безбедна за пиење, со тоа што иако не се очекуваат некакви отстапувања, во текот на туристичката сезона постојано ќе се врши проверка на нејзиниот квалитет. Точков уште додаде дека Центарот за јавно здравје на крајот на мај и почетокот на овој месец спроведе прскање против комарци на територијата на општина Охрид, најавувајќи дека прскање против комарци ќе биде спроведено и на почетокот на идниот месец, откако ќе биде спроведно и авионско запрашување против комарци предвидено за крајот на овој месец.