Во првите десет дена од претседателската кампања, помеѓу 24 март и 2 април, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов потрошил најмногу пари.
Според Државниот завод за ревизија Иванов потрошил двојно повеќе отколку што собрал. Дури 506.491 евра го чинела кампањата досега кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, со што на неговата сметка има минус од 273.866 евра. Најголемиот дел од парите биле потрошени за реклама и пропаганда – 467.381 евра.
Кампањата ја финансирале главно физички лица кои собрале нешто повеќе од 232 илјади евра.
Најмногу пари донирал „ЕМИ НИКО ДОО“ – Скопје со 140.000 денари а најниската донација е 5.000 денари. На донаторската листа се запишани имињата на градоначалниците Славчо Чадиев, Петре Латиновски, Владимир Талески, Билјана Беличанец – Алексиќ, Никола Бакрачески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и досегашната потпретседателка на Собранието Светлана Јакимовска а10.000 денари за поддршка на кандидатурата на Иванов дала и Есма Реџепова.
Кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски од донации на шест лица успеал да собере 1.847 евра, а сите овие пари биле потрошени за пропаганда и реклама. Ревизорите јавуваат дека кандидатот на СДСМ Пендаровски им пријавил уште 97.815 евра а неговите вкупни трошоци се од 90.246 евра, што остава непотрошени околу 7.500 евра. Најголемиот дел и од овие пари, односно околу 82 илјади евра биле потрошени за рекламирање, а остатокот за изнајмување на простор и опрема, провизија на платен промет, даноци и придонеси и други материјални расходи.
Кандидатот на ГРОМ Зоран Поповски успеал да собере 8.130 евра, сите од донации а сите отишле за платено рекламирање. Пари му донирале девет лица, од кои осум донирале по нешто помалку од 1000 евра, а едно по 400 евра.
Единствено претседателскиот кандидат на ДПА Илјаз Халими им рекол на ревизорите дека не потрошил нити еден денар.