Комеморација за актерот Бранко Ѓорчев


Драмски театар-Скопје денеска во 11 часот ќе одржи комеморација за актерот и директор на оваа национална установа Бранко Ѓорчев, кој по долго боледување почина завчера на 50-годишна возраст.
branko in memoriamЃорчев е роден 1962 година во Неготино, во 1986 година дипломирал на Факултет за драмски уметности,  во класата на проф. Вукан Диневски. Од 1987 година работи како актер во Драмски театар-Скопје. Има остварено голем број главни и споредни улоги, во матичниот театар и во сите театарски институции во државата, како и на филмското платно.

Во 2001-2003 е проект менаџер во Драмскиот театар. Бил и демонстратор  по реторика и ораторство за предметот Римско право на Правен факултет во Скопје. Беше професор по сценски говор на Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Во 2006 година беше избран за директор на Драмскиот театар, а во 2010 реизбран на функцијата. Во ноември минатата година Ѓорчев ја доби државната награда „Св.Климент Охридски“ за 2012 година, за долгогодишни остварувања во културата.

Дваесет и пет години тој придонесуваше во македонското театарско дело. Неговата актерска актива ја чинат повеќе десетици ролји на театарската сцена и во другите медиуми, како филмот, радиото и телевизијата.

Ќе останат забележани неговите ролји: Клавдиј во Шекспировиот „Хамлет“, Птоломеј во „Александар“ од Георгиевски, Кајафа во „Свето срце“, ролјите во „Кинегонда од Карлаленд“ од Андоновски, Ефто во „Лет во место“ од Горан Стефановски, Дионис во „Бакхи“ од Еврипид, Јонадаб во истоименото дело од Питер Шефер, Ховген во „Мефисто“ од Клаус Ман, Фауст во истоименото дело работено по повеќе автори (Гете, Марло, Ман, Достоевски, Лохер), Неизвесни во „Среќата е нова идеја во Европа“ од Јордан Плевнеш, Владимир во „Чекајќи го Годо“ од Бекет, Трепљов во „Галеб“ од Чехов, Фред во „Спасени“ од Едвард Бонд, Јасон во „Медеја“ од Дане Зајц, Шефот  на мафијата во „Касапски кучиња“ од Квентин Тарантино…

За неговиот ангажман во другите медиум, особено во ТВ-филмови или серии ќе се паметат оние во „Заведени“, „Пикасо“, „Случки од животот“, „Ѕвездите на 42“, „Волци“, „Македонија може“, „Време за плачење“, „Вампирџиите“, „Стапица“, „Бог да ги убие шпионите“, „Погрешно време“…

Покрај минатогодишната награда „Св. Климент Охридски“, Ѓорчев ги добил и наградите  „Војдан Чернодрински“ за најдобра епизодна улога во претставите „Кинегонда во Карлаленд“ и „Свето срце“ за 2009 година, „Златна маска“ за најдобро актерско остварување на фестивалот „Охридско лето“ за улогата на Мефисто во претставата „Мефисто“, Награда за најдобар актер за 1990, за улогата на Фред во претставата „Спасени“.

Погребот ќе биде извршен денеска во 14 часот на Градските гробишта Бутел.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1