Министерството за здравство попладнево соопшти дека формирало Комисија за испитување и откривање на причината за смртта на 12 годишното девојче.
Комисијата ја сочинуваат доктори од Клиниката за детски болести, КАРИЛ и Градската општа болница „8 Септември“ – Скопје.
-По добиеното сознание за смртта на 12-годишна пациентка на Универзитетската Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Министерството за здравство итно побара детална информација од Клиниката, од каде сме информирани дека пациентката била примена окулу 23 часот претходната вечер, во исклучително тешка здравствена состојба, со сложена гастро-интестинална симптоматологија, но и покрај укажаните дијагностичкo-терапевтски процедури, настапила смрт околу 2 часот утрината, се вели во соопштението од Министерството.
Комисијата ќе изврши надзор на работата на матичниот лекар и матичниот педијатар кои ја воделе пациентката во претходните два дена, со цел да се испита начинот на дотогашниот третман и лекување, додека членот на Комисијата од КАРИЛ ќе го провери процесот на водење на пациентката за време на интензивното лекување на Клиниката за инфективни болести.