Љубица Буралиева од СДСМ ја повлекла оставката од пратеничката функција поднесена пред еден месец и дефинитивно почнува да работи во законодавниот дом, пишува Дневник.
Иако 32-ца нејзини колеги од опозицијата веќе ги одбија пратеничките мандати, освен Роза Топузова-Kаревска од ЛДП, Буралиева која беше четврта на листата во Втората изборна единица реши да отстапи од партиската одлука за вонинституционално дејствување и битката за демократија да ја води во парламентот.
– Ја повлеков оставката и влегувам во парламентот. Одлука на партијата е дали ќе ме исклучи од своите редови. Јас сум и понатаму член на СДСМ, член со долг стаж, но без каков било багаж што ме обврзува да не размислувам самостојно. Впрочем, верувам дека како такви, нови лица, сме ставени на пратеничките листи на СДСМ не само како класични партиски војници со ,„разбирам“ во демократскиот вокабулар. Свесна сум дека има различни размислувања за моето учество во работата на Собранието, но јас ја барам демократијата во мојата потесна средина за да можам да се залагам за такво нешто и во законодавната институција, од каде што гласачите и во руралните средини можат да ја слушнат гласноста на избраниот. Токму поради постојаната сенка во која е демократијата под оваа власт, бегам од зборување во „сенка“ – вели Буралиева за весникот.
Таа додаде дека нема илузија оти нејзиниот глас е „безгласен“ во осмиот парламентарен состав, но, како што изјави, ова е можност опозициското размислување да биде во спрега со сопствениот гласач, чие дејствување, пак, е надвор од институцијата. Истовремено, пратеничката од СДСМ нагласува дека и понатаму ги почитува сите партиски ставови. Буралиева не коментира дали и некој друг сопартиец решил да отстапи од одлуката на високото раководство на СДСМ за бојкот на институциите, бидејќи сакаше да зборува само во свое име.