Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, за првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во интервју за емисијата „Историес“ на грчката телевизија Скај.
Коѕијас смета дека преговорите одеа и одат добро, но треба и веќе е прашање на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објаснува дека е погрешна перцепцијата, ерга омнес да биде само за надворешна употреба.
– За да биде вистинско ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сето ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот, вели Коѕијас.
Во однос на членството на Македонија во НАТО, запрашан за тоа дали е можна една „привремена интеграција“ одговара негативно, објаснувајќи дека тоа може да создаде проблем и притисоци врз Грција.
– Може да се договориме да се даде покана, од НАТО се дава покана и потоа таа се ратификува во парламентите. Потоа, парламентите тоа го испраќаат до САД, во Вашингтон, бидејќи е чувар на договорите на НАТО уште од формирањето. Тука, во што е проблемот? Им објаснувам на сите. Да речеме дека се 29 држави членки на НАТО, 28 од нив завршиле со ратификацијата, а ние не го имаме ратификувано бидејќи не ги направиле промените што ги ветија. Кој ќе јаде ќотек? Тие од 28-те земји или ние, што ќе не притискаат? Така ќе се префрли проблемот, рече Коѕијас, пренесе МИА.
Во однос на тоа дали постои договор за името, тој вели дека не е проблемот во тоа кое ќе биде новото име, бидејќи е договорено да биде сложено и географско, а Македонија ќе треба да одбере еден од предлозите на Нимиц, со исклучок на Република Македонија (Скопје), име кое веќе е отфрлено од грчката страна.