Коѕијас ќе се сретне и со Иванов, доаѓа со автомобил за да не слета на „Александар Велики“


Во четврток на 31 август, грчкиот шеф на дипломатијата, доаѓа во официјална посета на Македонија, потврдуваат од македонското министерство за надворешни работи.

Никос Коѕијас, според агендата во Скопје ќе оствари средби со својот колега, Никола Димитров и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Во рамките на посетата, од планирана е и средба на Коѕијас со македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, потврдуваат за Сител од претседателскиот кабинет.

Посетата на Коѕијас доаѓа во време кога македонската влада, според она што го тврди ресорниот министер прави напори за подобрување на релациите со Грција како вовед во нов обид за решение на спорот со името. Според неофицијалните информации, фокусот ќе бидат мерките за градење доверба и нивното спроведување, а не прашањето за името, кое ќе го остават веројатно за наредната средба, на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Токму во овој период, премиерот Заев во Драч рече дека очекува и нов предлог од медијаторот Нимиц.

На посетата на Коѕијас и претходеа серија реакции во грчката јавност поради фотографијата зад знамето на етничка Македонија во Торонто. Токму тоа беше причина во грчките медиуми да прострујат информации дека Коѕијас може да ја откаже посетата на Македонија. Сепак, минатата недела, македонскиот министер за надворешни работи најави соодветна постапка против македонскиот конзул во Торонто коментирајќи дека тоа не е официјална политика на Македонија.

Интересно е што грчкиот шеф на дипломатијата во Македонија не доаѓа со авион иако тоа редовно го прави на средбите со останатите државници од регионот. Причина за тоа е фактот што Коѕијас не сака да слета на аеродромот кој го носи името Александар Велики, но сепак, за да стигне до Скопје, најверојатно ќе мора да вози по автопатот Александар Македонски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1