Кусо пред посетата на Скопје, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас повторно добил заканувачко писмо и куршум за прашањето за името и преговорите што се во тек, објави викенд изданието на весникот „Та неа“.
Според информациите на весникот, на почетокот од седмицава, во Министерството за надворешни работи на Грција, пристигнал куршум завиткан во писмо, адресиран до Никос Коѕијас.
„Та неа“ пишува дека не е целосно познато што точно се случило, ниту дали функционирала или не безбедносната мрежа во министерството за откривање на сомнителни писма и пратки. Куршумот, заедно со дописот биле веднаш испратени до полицијата за да се направи истрага и да се открие испраќачот. За случајот биле известени и министерот за правда на Грција и грчкиот премиер.
Ова е втор пат шефот на грчката дипломатија да добие анонимно писмо со куршум и закани. На почетокот на февруари, Никос Коѕијас, добил писмо во кое пишувало: „Имаме три куршуми спремни за тебе и за твоето семејство. По еден за секоја Македонија.“ Дописот, тогаш, беше на само неколку дена пред протестот во Атина „за одбрана на името Македонија“, сега пак, е кусо пред посетата на Коѕијас на Скопје.