Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе поднесе кривична пријава против 25-годишниот Б. Р, вработен во Агенцијата за разузнавање, кој беше приведен вчера пред почетокот на Суперкупот во Скопје, обидувајќи се во алкохолизирна состојба да влезе на стадионот.
Тој се обидел да спречи службено лице при извршување на неговите работни обврски.
– Особено лицата вработени во службите не смеат да си дозволат да спречуваат службени лица во вршење на нивната должност. МВР ќе поднесе кривична пријава, а очекувам дека и неговата институција ќе покрене соодветни мерки – рече денеска на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
При редовниот преглед на билетите на влезот на Градскиот стадион, Ристовски им пришол на полицајците и почнал да се расправа со нив зошто толку долго траел прегледот и го оттурнал лицето врз кое во тој момент се вршел прегледот, а потоа го турнал и полицаецот што правел проверка. Ристовски иако бил таму присутен приватно и надвор од работнит ангажман, извадил службена легитимација дека е вработен во Агенцијата за разузнавање.
На Ристовски му бил направен алкотест, кој покажал 1,06 промили алкохол во крвта.