Под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ денеска претпладне во кругот на Клиничкиот центар се одржа протест во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, како резултат на серијата напади кои се случија во изминатиот период врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини. Тие проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој, велат, континуирано пропаѓа.
Тие истакнаа дека ова ќе биде последен протест како предупредување до надлежните институции да го решат овој системски проблем во здравството.
Ненад Лазаров од АСМЛ потенцираше дека се оградуваат од секакви политички елити. Тој вели дека насилството врз лекарите мора да престане веднаш.
Собрани сме да кажеме доста е. Ова ќе биде наш последен револт, повеќе не смее да дозволиме да бидат напаѓани здравствените работници. Долги години тенденциите и негативната кампања се одразуваат врз медицинските работници, а целта е да се стават во сенка лошите одлуки на раководните лица во системот. Време е да се преземат мерки за подобри услови на работниците и пациентите. Ќе престанеме да работиме се додека овие прашања не бидат решени“, истакна Лазаров.
Според Лазаров, овие проблеми не смеат да се решаваат зад затворени врати и градење бариери меѓу здравствениот систем и пациентите, туку само со отворена јавна дебата. Тие на протестот истакнаа пет барања кои во најбрз можен рок мора да бидат решени: донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено полициско лице, полициско обезбедување на сите поголеми здравствени установи, особено во ургентните центри, вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики и задолжително организирање на некаков внатрешен систем на контрола на медицинските работници.
На протестот учествуваше и министерот за здравство, Венко Филипче кој кажа дека ги поддржува барањата на лекарите и оти Владата веќе решила или е во тек да реши некои од тие барања.