Од нова година на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле” ќе слетуваат авиони од редовни авиолинии со Словенија, Италија, Австрија и Швајцарија, известува „Охрид 1“.
На иницијатива на градоначалникот Никола Бакрачески, општината Охрид веќе издвоила 6 милиони денари (97.500 евра) за субвеницонирање на нискобуџетни авио комапнии за 2013 година. Исто толку средства се очекува да издвои и општина Струга.
– Нашите планови се оваа сума да ја зголемиме за наредната година на 12 милиони денари за субвенционирање на редовни летови од охридскиот аеродром. Се надевам дека градоначалникот на Струга ќе го следи овој наш потег, а денеска добивме уверување дека исто и Струга ќе предложи на Советот да прифати одлука за субвенционирање на овие летови – вели градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
Анализите направени во изминативе пет месеци покажале дека дури 30 отсто од патниците на скопскиот аеродром живеат во Југозападниот регион на Македонија. Со воспоставувањето евтини авиолинии, ќе им се олесни патувањето на жителите на Охрид, Струга, Дебар, Кичево, Битола, но и на албанските градови Поградец и Корча.
– Се надевам дека ќе се зголеми фрекфренцијата и ќе бидат застапени и други авиокомпании. Засега интерес за воспоставување летови покажаа авиокомпаниите „Виз Eр” и „Адрија Eрвејс” – додаде Бакрачески.
ФОТО: Охрид 1