Американец обвинет како лидер на секта, кого властите на САД го бараат на основа на обвиненија за педофилија, бил уапсен во Мексико заедно со уште 26 лица, во рамките на истрагата за тројно убиство, соопштиле денес службениците.
Орсон Вилијам Блек Џуниор, бил уапсен во северната погранична држава Чивава, заедно со своите четири жени и уште 22 лица, меѓу кои имало и голем број на малолетници, соопштиле државните обвинители.
Околу 200 полицајци влегле во три куќи на два ранча, каде Вилијам Блек живеел со своите приврзаници, а акцијата била спроведена во заедничка операција со ФБИ, стои во соопштението, пренесува AFP.
Апсењата биле извршени по истрагата за убиствата на тројца американски државјани во тој регион, на возраст од 15, 19 и 23 години, кои се случиле на 10-ти септември.
Вилијам Блек е осомничен за убиството на тие три лица, но уште не е обвинет во рамките на тој случај.
Уапсените засега се обвинети за илегален влез во Мексико и суровост над животни, откако полицијата пронашла повеќе од 50 заклани и замрзнати животни на неговиот имот, меѓу кои и зебри, бафала и лав.
Вилијам Блек, исто така, се соочува со обвиненија за трговија со луѓе.
“Во САД 15 години го гонат за сексуални злосторства, а тој побегнал во Мексико”, соопштиле мексиканските власти.
Вилијам Блек се соочува со обвиненија за педофилија во американската држава Аризона, нагласува француската агенција.