Претседателот на ВМРО-НП, поранешeн премиер на Република Македонија, првиот претседател и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски денес го слави 51-от роденден.
Љубчо Георгиевски е роден во Штип 1966 година. Тој е истакната македонска политичка фигура особено во периодот од 1991 година, кога на свои 25 години, според многумина, бил еден од ретките политичари кои настојувале Македонија да стане независна држава со своја армија, валута и репрезентација. Неговите ставови и интервјуа предизвикуваат лавина од реакции и коментари на домашната, но и на меѓународната политичка сцена.
Георгиевски е еден од ретките политичари за кои новинарите тврдат дека никогаш, ама баш никогаш, не одбил телевизиско соочување. Без разлика на различните критики, тој важи за еден од оние политичари кои го имаат дадено најголемиот влог за создавање на независна држава во 1991 година.
Љубчо Георгиевски е првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, од нејзиното основање во 1990, до мај 2003 година. Од 1998- 2002 бил Премиер на Република Македонија, а во 2004 ја формирал ВМРО НП, чиј претседател е и денес.