Активистот на шарената револуција, Љуми Бекири, на неговиот фејсбук профил одговори на потегот на ракометарот Столе Стоилов, кој демонстративно ја напушти манифестацијата за доделување на награди за спортист на годината, затоа што била двојазична.
Бекири порачува дека насекаде ја гледа алергијата кон албанскиот јазик и дека албанскиот јазик е реалност а сите оние кои не сакаат да го слушаат треба да си ги затнат ушите или да се иселат.
Алергија на албанскиот јазик се чувствува насекаде во Македонија. Од улица и автобус луѓе кои се вртат и те гледаат ако зборуваш со некој на албански, до одбивање за да те послужат или попреко гледање во обичен кафиќ ако те слушнат дека зборуваш на албански.
За уметнички фестивали да не зборуваме, албанскиот не е ни тема. Пример на Струшки вечери на поезијата кадешто се зборуваат преку 20 јазици, албанскиот се уште е табу. Затоа голем впечаток ми остави косовската актерка Адриана Матоши на годинешниов фестивал на Браќа Манаки во Битола кога рече “бидејќи се зборуваше и македонски и англиски, јас ќе се обратам на албански, не сакам да останам должна кон сопствениот јазик”. Потоа, некои се прашуваат зошто уметници од Македонија чиј што мајчин јазик е албанскиот своите кариери ги градат во Косово или Албанија.
Албанскиот јазик никогаш до сега не се обидел да се наметне како доминантна јазична матрица во Македонија, за разлика од многу други внатрешни и соседни јазици, кои преку своето постоење и го негираат македонскиот јазик сметајќи го за свој дијалект, па од тука ми произлегува прашањето од каде толкав отпор кон албанскиот? Тоа дали вие ќе знаете неколку зборови на јазикот на првиот сосед за да го поздравите кога ќе се сретнете пред врата – кажува за вас. Но факт е и дека голем број на граѓани на Македонија го говорат албанскиот јазик како свој мајчин или како втор јазик. И со таа реалност мора еднаш засекогаш сите да се помирите.
Албанскиот јазик е мој јазик и на кого не му се допаѓа може слободно да затвори уши, да се отсели на друго место, да ме избегнува, да полуди и да се фрли во бунар или што и да сака да направи бидејќи јас не планирам да престанам да го зборувам. А пред се, може за почеток да ме тргне од листата на пријатели тука, напиша на Фејсбук Бекири.