Да даде Господ на вехабистите да им случи полошо од тоа што ми се случи на мене! Боже, што ми направија – плачејќи раскажувала Халима Ибриќ, мајка на 24-годишниот терорист Нердин Ибриќ, кој пред три дена ја нападна полициската станица во Зворник и го уби полицаецот Драган Џуриќ, а потоа и самиот настрада во престрелка со полицијата.
“Целосно се промени во последно време, не можев да го препознаам. Заврши медицинско училиште, имаше многу пријатели, меѓу нив и Срби. Но, во последно време одеше во Дубница кај Калесија, таму се молеше, бидејќи велеше дека локалниот ефендија не го прави тоа правилно. Се дружеше со некои луѓе од Шетица, кои доаѓаа тука. Му зборував да не оди со нив. Слабо јадеше во последно време. Видов дека нешто размислува и дека е молчелив”, рекла Халима, пренесува српски Курир.
За нападот слушнала на ТВ
Со тежок глас таа се потсетува дека залудно го предупредувала својот син дека ќе умре, и дека на телевизија слушнала какво злосторство извршил.
“Го заведоа. Му зборував дека поради таа Дубница ќе оди во смрт, и ете, останав сама”, со скршен глас, едвај зборувала Халима, додека ја тешеле нејзините брат и сестра.
Останатите соседи рекле дека Нердин бил тивко и повлечено момче, но дека веруваат дека сè е последица од траумите кои ги носел со себе од претходната војна, во која настрадал неговиот татко.
Неговиот роднина Рифат Рамиќ, тивко се потсетил дека се обидел да го одврати од патот по кој тргнал.
Нови детали: Со него имало уште еден терорист
Ибриќ со уште еден терорист дошол во црн “Golf” пред полициската станица, пишува српски Курир.
“Драган Џуриќ им пришол за да им каже дека не смеат тука да се паркираат, а еден од нив излегол од автомобилот и го застрелал со сачмарката. Останатите полицајци возвратиле на огнот и убиле еден од терористите, додека другиот, кој имал автоматска пушка, побегнал и вчера вечерта бил уапсен”, пишува Курир.
Ибриќ бил поврзан со екстремистот Авдулах Хасановиќ, кој до минатата година се борел во Сирија. Тој вчера исто така бил уапсен бидејќи се верува дека бил поврзан со нападот.