Мајмунчето Дино, помалото братче на Лука, починало на операција, соопштија денеска од Зоолошката градина во Скопје.
„На 18 декември при меѓусебен конфликт на два мајмуна од видот павијан, едниот од павијаните, познат во јавноста како Дино, како резултат на конфликтот се здоби со тешка повреда на предната нога. Веднаш беше упатен на Факултетот за ветеринарна медицина при што беше извршена ветеринарна интервенција за санирање на здобиената повреда. За наша и ваша жал, павијанот Дино не ја преживеа операцијата“, соопшти скопската Зоолошка.
Оттаму велат дека најостро ги демантираат обвинувањата и шпекулациите на Анима Мунди за новодниот несоодветен третман на вработените во Зоолошката градина во Скопје.
Дино беше од родот павијани, се роди на 10 март 2015 година и го одгледаа вработените во Зоолошката, откако мајка му го отфрли. Дино боеше со боички и заспиваше со своето кадифено мече.
Здружението „Анима мунди“ денеска јавно побара од скопската Зоолошка да одговори дали умрело мајмунчето Дино, за кое дознале дека починало од сепса, откако добило физичка повреда, отворена рана и скршена нога.