Македонскиот научник од државниот универзитет на Аризона, професор Кирил Христовски, ќе учествува во новото, големо истражување за однесувањето на нано-материјалите и евентуалните последици по животната средина од нивната употреба.
Државниот универзитет од Аризона, од Темпи, ќе биде на чело на истражувањето, во соработка со универзитетите Џонс Хопкинс, Дјук, Карнеги Мелон, Пердју, Јеил и други.
– Значењето на ова истражување е во тоа што ова е прв поголем организиран напор на национално ниво да се спознае како нано-материјалите се однесуваат во животната средина и кои се потенцијалните ризици кои произлегуваат од нив, и тоа од моментот на нивното создавање и вградување во производите за широка потрошувачка, до моментот кога тие производи завршуваат како отпад, вели др. Христовски кој е професор од одделот за инженерство на Колеџот за техонологија и иновации на Државниот универзитет во Аризона.
Станува збор за материјали со големина од 1 до 100 нанометри и се помали од вирусите. Големината и специфичните каракетеристики овозможуваат потенцијална примена насекаде, од медицината, храната, и козметиката, до електрониката, енергијата, текстилот, и заштитата на животната средина.
Земено в предвид дека се работи за релативно нова технологија, многу малку се за ризиците и последиците од употребата и испуштањето на овие материјали во животната средина. Целта на истражувањето ќе биде да се создадат фундаментални теории на молекуларно ниво кои ќе бидат преточени во препораки за производство, дизајнирање и употреба на нано-материјалите, за тие да имаат најголема можна примена, но во исто време да бидат и безбедни за околината.
Според целта на ова истражување, неопходно е да се испитаат и предвидат можните негативни последици од употребата и комерцијализацијата на нано-материјалите за да овие сознанија бидат вклучени и во развојот на идната американска законска регулатива од областа на нанотехнологијата. Истражувањето е финансирано од американската агенција за заштита на животната средина (УС ЕПА) и се очекува трае четири години.