Детството го поминал низ скопските постземјотресни маала, а потоа ги облекол најпознатите светски актери како Шон Конери, Изабела Аџани, Жерар Депардје, Кристофер Ламберт… За модни ревии ги облекувал најголемите светски манекенки како Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, а работел за Готје, Муглер, Алаја…, пишува Вечер.
Тоа е Изет Цури, кој кариерата ја започнува како скопски чирак кај легендарните мајстори Благоја Ангелковски и Цале. По учењето на занаетот, Изет заминува за Париз и останува таму по што гради блескава кариера во модниот бизнис. Во Македонија е дојден како дел од тимот кој работи на долгометражниот филм “Враќање” во режија на Кастриот Абдили.
Од Скопје отишол за Франција. Таму ги потрошив сите пари и не можев да се вратам, па од амбасадата ми најдоа работа, вели Изет и додава Кога отидов во Франција ме финансираше фирмата Хермес која има 250 години традиција. Тогаш се славеше празник на модата во Франција, и така го запознав Муглер. Потоа отидов да работам кај него. Останав 12 години. Бев прв човек на технички план, а тој прв човек на креативен план. Алаја, пак, го запознав кај Муглер. Еве и ден-денес соработувам со Алаја. Тие ми даваат цртежи, а јас ги работам моделите. На Готје, пак, јас му помогнав да ја направи првата ревија со висока мода. Можев да останам со него, но ми понуди договор каде нема да го има моето име на производите па не прифатив. Знаете, да беше Благоја Ангелковски во Франција, ќе беше поголем и од Алаја.
Работел со големи ѕвезди – Се импресионирав кога првпат го облеков Шон Конери. Тој е многу лесен за соработка. Вели – “јас сум тука, прави што сакаш”. Но и неговата сопруга се меша во одлуките. Конери игра голф, па му направив и панталони за голф. Му направив и два смокинга, и кога ги носеше и обата, доби награди. Изабела Аџани е тешко да ја облечеш. Таа е тешка како личност. Сите ме прашуваат како можев да бидам пријател со неа триесетина години. Но, таа е перфекционист. Може да те повика и дење, но и ноќе. Има и други случки. Конери, еднаш, дојде два-три часа порано, за да види како работам. Со Депардје немав проблеми. Имав малку проблеми со Кристофер Ламберт, затоа што тој се облекува малку поспортски. Т
Најскапата колекција што ја продал е 180.000 евра. За принцеза од Саудиска Арабија. А сум продавал и за џабе, вели Цури за Вечер.