Со почетокот на летната сезона продолжува традицијата на оштетување на возилата на македонските туристи во Грција. Минатата недела во Солун биле украдени регистарски таблички од автомобил на битолчанец, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Кражбата била евидентирана на 26-ти јуни на граничниот премин Богородица. Како што информира МВР битолчанецот Н.Б. пријавил дека во Солун му биле украдени регистарските таблички од неговиот автомобил марка ‘пасат’ и дека не ја пријавил кражбата во грчката полиција.
Инаку, како што претходно информираше МВР, годинава беа регистирани две оштетувања на регистарски таблички на возила на македонски граѓани во Грција.
Во првиот случај битолчанката Р.Т. пријави дека на 21. април во Лефкада, со црн спреј и се оштетени предната и задната регистарска таблица на автомобил марка ‘пежо’.
Во вториот случај, на 06. мај лицето Х.Ц. од Скопје кој управувал автомобил ‘мерцедес’ со скопски регистарски ознаки, пријавил дека во Солун му била оштетена со црн спреј предната регистарска таблица и предната десна страна од возилото.
Од овие случаи само случајот во Лефкада е пријавен во грчката полиција, но МВР сè уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за настанот.