На 38-миот светски натпревар што се одржа во Кастелфидардо, Италија во сениорска категорија за вариете музика победник е Александар Коловски. Пред две години победи во сениорска категорија за класична музика во Кастелфидардо и со сегашнава награда станува светски првак по четврти пат.
– Пособено ми е драга оваа награда бидејќи втор пат доаѓам на голем светски натпревар во категорија за вариете музика, а сам се подготвував за изведбата. Да се седне на тоа столче воопшто не е лесно доколку немате претходно искуство, изјави Коловски и му се заблагодари на Министерството за култура за финасиската поддршка.
Коловски во моментив е во Франција и се подготвува за следните настапи.
Кастелфидардо е најпознат натпревар за хармоника во Италија што се одржува во рамки на истоимениот фестивал, што ја одбележа 150-годишнината од своето постоење. Кастелфидардо е натпревар со огромна традиција каде можат да се забележат најпознатите имиња од светската јавност во однос на музиката за хармоника. На натпреварот учествуваа повеќе од 500 натпреварувачи од целиот свет.
Во овој град се наоѓаат сите фабрики за изработка на хармоники на најпознатите брендови како што се Armando Bugari, Pigini, Balone Burini, ZeroSette…
Извор: Курир.мк