Македонија бира претседател – еве кои се надлежностите и правата


Граѓаните на Република Македонија по петти пат на непосредни избори ќе избираат шеф на државата. Досега се одржани четири избори за претседател на Република Македонија: во 1994, 1999, 2004 и во 2009 година.

pretsedatelski kandidatiПрвиот претседател на Република Македонија не беше избран на непосредни избори, туку од Собранието на 27 јануари 1991 година, во согласност со тогашните уставни решенија.

За претседател ќе биде избран кандидатот кој на 13 април ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело. Доколку во вториот круг никој од кандидатите не го добие потребното мнозинство, се повторува целата постапка.Новиот претседател кој ќе ја добие довербата од граѓаните на претстојните избори должноста треба да ја преземе по 12 мај, кога, според Уставот, му истекува петгодишниот претседателски мандат на досегашниот претседател.

Претседателот ја претставува државата и е врховен командант на вооружените сили. Ужива имунитет, а неговата должност е неспоива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија. Тој го определува мандаторот за состав на Владата на Република Македонија, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците во странство, ги прима акредитивните писма на странските дипломатски претставници.

zname mak

Шефот на државата предлага двајца судии на Уставниот суд, двајца членови на Републичкиот судски совет и гувернерот на Народната банка. Именува тројца членови на Советот за безбедност, како и директорот на Агенцијата за разузнавање.

Претседателот ги потпишува указите за прогласување на законите што ги донесува Собранието. Во името на Република Македонија одлучува за водење преговори и склучување меѓународни договори.

Шефот на државата прогласува воена состојба или вонредна состојба ако Собранието не е во можност да се состане и да донесе таква одлука со двотретинско мнозинство. За време на воена состојба, ако Собранието не може да се состане, претседателот може да ја именува и да ја разрешува Владата и да именува и да разрешува функционери чиј избор е во надлежност на Парламентот.

Претседателот може да предложи промена на Уставот, дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закон. Ги доделува и ги врачува одликувањата и признанијата на Република Македонија.
Претседателот на државата го известува Собранието за прашања од неговата надлежност најмалку еднаш годишно.

Пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на Република Македонија добива претседателот на кого му престанала функцијата. Истовремено, тој има право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица.

Има тројца соработници кои ќе се плаќаат од државниот буџет, а за своите активности ќе има на располагање средства во висина од 8% од буџетот на актуелниот претседател. Законски, тој има право на лично обезбедување, службено возило и возач.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1