Македонија веќе десетина дена има и светски премиер. Во земјата речиси незабележано помина веста дека 48-годишниот сопственик на телевизијата БТР, Зоран Димов, е избран за премиер на Светската ромска влада. На функцијата стапил по едногласна одлука на последниот Конгрес на Меѓународната ромска организација (International Romani Union – IRU) одржан на 4 и 5 јуни во романскиот град Сибиу, на кој учествуваа Роми од 38 држави, пишива Дојче веле.
Димов се гордее со премиерската функција и можностите што таа му ги дава за актуелизирање и решавање на проблемите на Ромите денес. Особено, што е прв ромски премиер во историјата Ромите, со оглед дека владата е востановена на последниот конгрес на ИРУ.
Парламентот на ИРУ има двајца потпретседатели и 48 делегати, а Владата на Димов четири вицепремиери, 17 министри и уште толку заменици. Димов на премиерската функција бил едногласно избран од делегатите. Од земјите во соседството, во Владата на Димов министри се двајца бугарски Роми: на Маријан Христов од градот Левски му е доверено Министерството за надворешни работи, а на Илија Петров од Ловеч, Министeрството за надминување на последиците од холокаустот врз Ромите за време на Втората светска војна. Во тој ресор негов заменик ќе биде Ром од САД. Христов и Петров, според бугарските медиуми, во тамошната јавност се познати како борци за социјалните права на Ромите. На средба во мај со премиерот Пламен Орешарски, Петров барал да им се простат неплатените здравствени осигурувања на Ромите кои се во тешка егзистенцијална состојба, како и ред други поволности во однос на плаќањето комуналии на сите кои живеаат во супстандардни живеалишта.
Владата на Димов ќе заседава четири пати годишно, на секои три месеци, во Кишињев, главниот град на Молдавија, а првата седница ќе ја одржи во октомври. Освен тоа, Владата на секои два месеци ќе заседава заедно со кабинетот на претседателот на ИРУ. Помалку работа има парламентот, кој ќе заседава два пати годишно.
Димов за неговата премиерска работа засега нема да добива плата. ИРУ не располага со таков фонд, а организацијата се надева дека можеби мала финанска помош за работата на новите институции ќе се обезбеди со доброволни донации од ЕУ, од фондови од САД и од фондот на холокаустот од Германија. Но, организацијата засега не е фокусирана на тоа прашање. Нејзините амбиции се насочени исклучиво кон зголемувањето на нејзиното влијание и присутност во европските и светски институции. Во септември, ИРУ, која има седиште во зградата на ООН во Њујорк, очекува нејзини претставници да остварат средба со Генералниот секратар на ОН, Бан Ки Мун и со претседателот на САД, Барак Обама. Освен во Њујорк, ИРУ има своја канцеларија во Сибиу, Романија, но и во Виена, Австрија, каде се наоѓа и целата документација за актите со кои таму и официјално е регистрирана новата ромска влада.