119 илегални мигранти, сместени во камион, се приведени во Бугарија. Странците, меѓу кои повеќе од 30 мали деца, се откриени во шумска област во близина на Пазарџик, објави бугарската Нова ТВ.
Мигрантите ги забележал случаен минувач, кој видел на патот меѓу селата Калугерово и Лесичово, како од камион се симнуваат мажи, жени и деца. Тој веднаш се јавил во полиција и на местото пристигнала полиција.
Криминалистите утврдиле дека луѓето се илегални мигранти од Ирак и Сирија. Бегалците биле сместени во камионот и во приколката зад него. Во товарниот дел тие патувале скриени зад ѕид од тули. Целта била цариниците и полицијата да бидат измамени, дека камионот превезува градежни материјали, а не бегалци.
Ниту еден од приведените мигранти нема документи и не зборува англиски.
Возачот на камионот е 55-годишен македонски државјанин со статус на постојан жител во Бугарија. Тој е уапсен и задржан 24 часа. На полицијата и раскажал дека бегалците ги зел во Истанбул. Му ги предал турски државјанин, кој се претставил како бугарски иселник. На возачот му ветил 5.000 евра за да ги превези мигрантите до Бугарија и да ги остави во внатрешноста на земјата.
Полицијата се обидува да разбере од каде мигрантите влегле во Бугарија и кој уште зел пари за да ги транспортираат низ земјата.