Според Државниот завод за статистика, скоро 54% од македонските граѓани кои одат на годишен одмор летуваат во странство. Евростат, пак, открива дека жителите на Европската унија дури 76% од патувањата ги реализираат во својата земја, 18% летуваат во друга членка на Унијата, а надвор од неа само 6%
Кога ќе дојде време за одмор убавиот Охрид со задоволство им го препуштаме на странците, а ние се распостиламе по грчките плажи. Спомените од Берово, Кокино, Кратово, па и Охрид ги собираме од ученичките екскурзии, зашто кога решаваме за летување, македонските туристички бисери ни се повеќе резервен план отколку избор. Такви се навиките на македонските летувачи!
Тоа што странски туристи го окупираат македонскиот бисер воопшто не е лошо, зашто секој странец за државата значи девизен прилив. Тоа што ние ги оставаме парите во Паралија и во другите грчки летувалишта, од друга страна, го намалува бенефитот од напливот на странски туристи.
Ако ние ја преферираме Грција, иако на одмор одиме и многу подалеку, за жителите на ЕУ топ туристичка дестинација е Шпанија. Во таа држава се реализирани само 3,1% од вкупните патувања на Европејците или 12% од сите нивни патувања во странство. Евростат анализира дека како туристичка дестинација жителите на ЕУ ги избирале соседните или поблиските земји, со исклучок на туристите од Унгарија, кои најмногу патувале во Германија. Романците почесто заминувале во Италија. а Британците на сончање и капење најмногу оделе во Шпанија. Надвор од границите на Унијата најмногу се патувало во САД, потоа во Азија и Африка, а најмалку посетувана дестинација била Океанија.
Vecer.mk