Македонскиот каратист, Емил Павлов, е европски првак, откако го освои првото место на ЕП во Тампере, Финска.
Тој во финалната борба во категоријата до 60 кг. успеа да го совлада данскиот каратист Каспер Лидегард со 6-2 на поени и оствари фантастичен успех за себе и за македонското карате.
Каратистот на клубот Штип со ова го надмина успехот на Иво Цветковски, кој во 2007 година освои сребрен медал.
Емил Павлов, вчера, на патот до финалниот меч ги совлада Един Муслиќ (БиХ) во првото коло, Јаник Фаес (Швајцарија) во второто коло, потоа во четвртфиналето беше подобар од Софијан Агудил (Франција), во полуфиналната борба убедливо, со 5-0, славеше и против Холанѓанецот Џефри Беренс.