Иако грчките медиуми вчера го објавија демантот од извор од Министерството за надворешни работи во Атина, дека ставот на Грција во однос на македонските пасоши не е променет, во Грција последните 24 часа актуелни се реакциите и барањата да се повлече одлуката за ставање грчки печати во пасоши каде го има и печатот на Република Македонија.
Како што и вчера јави МИА, извор од грчкото МНР за грчките медиуми рекол дека информациите за македонските пасоши се „лажни и неосновани… и претставуваат злонамерен и неприфатлив обид за поткопување на националната позиција и националните интереси“.
„Политика на Грција за ова прашање е цврста и нема промени во визната практика за патните исправи од ПЈРМ, кои Грција не ги признава“, рекол истиот извор.
Информативните портали policenet.gr и militaire.gr, јавија дека информацијата за „македонските печати“ првпат била објавена пред два дена, кога „анонимен припадник на полицијата“ на социјалните мрежи „се пожалил“ дека Службата за пасошка контрола добила наредба да става печати во пасоши во кои го има и печатот од Македонија, а не како до сега, на посебен бел лист хартија. „Логично, ова предизвика интерес, но и гнев кај многу граѓани кои го прочитаа“, пишуваат двата портали. Според „Полиснет.гр“, кој објавува информации поврзани со грчката полиција, анонимниот полицаец, напишал дека претходната одлука се укинува поради тоа што имало тешкотии во нејзиното спроведување. Тој потврдил дека „вистината е оти и самиот тој многу пати наишол на такви грешки од страна на конзуларните власти и за жал од страна на колегите кои служат во оваа важна област“.
„Наместо да најдеме начин да ги принудиме да се почитува првичната одлука, ние ја укинуваме. Многу убаво!“, напишал наводно полицаецот, според „Полиснет.гр“.
Во исто време, „милитаире.гр“, портал кој објавува информации поврзани со грчката армија, пишува дека одлуката за ставање печат на посебен лист хартија, а не во пасош од трети земји каде го има и печатот на Македонија, пред извесно време ја донел грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас кој со овој чекор „сакал да покаже дека тој и грчкото МНР застапуваат построг став“. Според порталот, од тогаш имало „силни протести“ од земјите кои не се во Шенген зоната, затоа што никој не го чувал „малиот бел лист хартија“ со печатот и поради тоа овие земји не знаеле со кого и кога некој ја поминал грчко-македонската граница. Сите земји навеле безбедносни причини и затоа Министерството за надворешни работи одлучило да ги врати мерките кои биле во сила пред одлуката на Коѕиас за печат на хартија, пишува „Милитаире.гр“.
Порталот „Њупост“ вчера прво објави дека Грција ги признава пасошите со печат од Македонија, поврзувајќи го тоа со укинување на листовите за македонските граѓани на кои грчките гранични служби ставаат печат при влез и излез од државата. Порталот потоа објави нова вест во која дообјасни дека се работи за повлекување на претходна одлука со која било забрането да се става грчки печат во пасоши од трети земји во кои го има и печатот на Македонија и да се става печат на посебен лист хартија.
Сепак, и оваа одлука на грчкото МВР предизвика многу реакции затоа што, според медиумите и опозициските политичари, грчки печат „не смее да стои до зборот Македонија, па дури тоа да биде и само на печат“.
Така, изјавата на пратеникот на Нова демократија, Караоглу се пренесува како официјален став на партијата дека со овој потег „Владата го призна де факто Скопје како Македонија“, некои онлајн изданија на медиумите цитираат „дипломатски извори“ според кои наместо одлуката да остане на сила, грчката Влада прави голема грешка што ја повлекува, а други одат до таму и прашуваат: „што е следно ? признавање на псевдодржавата ?“.