Македонските граѓани не користат само еден извор на информации, туку најчесто се информираат преку телевизијата и интернетот, покажуваат резултатите од истражувањето што во ноември – декември минатата година беше спроведено по барање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Истражувањето, со кое биле опфатени 1.200 испитаници на возраст над 16 години, покажува дека телевизијата е најзначаен медиум преку кој се информираат граѓаните, односно речиси 75 проценти од анкетираните изјавиле дека за домашните и странските настани секојдневно се информираат преку телевизијата. Втор најчест извор на информирање е интернетот. Шеесет и шест проценти од испитаниците одговориле дека никогаш не се информираат од радиото, а речиси 57 проценти дека никогаш не се информираат од печатените медиуми.
Најчесто македонските граѓани гледаат вести, а потоа играни серии, кои, како што изјавиле, се премногу застапени на медиумите. Испитаните се изјасниле дека има недостиг од образовна и културан програма, програми за деца и цртани филмови, документарни емисии и играни филмови.
Во 2015 година кога е спроведено истражувањето само 7,5 проценти од граѓаните користеле обична антена, а 84,3 проценти ги користеле услугите на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска на јавен состанок ја презентираше и Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги според која минатата година вкупните приходи на радиодофузерите изнесуваат 3 милијарди 102 милиони денари од кои милијарда 693 милиони денари се приходи добиени од реклами. Речиси 92 проценти од вкупните приходи од реклами ги оствариле телевизиите, а само осум проценти се приходи што ги оствариле радијата од реклами.