Охриѓанецот Јовче веќе 2 години живее во Јесинце, Словенија – градот кој е домќин и на македонската кошаркарска репрезентација деновиве. Неговата приказна ја пренесува Утрински весник
„Во Јесенице живеам речиси две години. И самите знаете како се живее кај нас во Македонија. По потекло сум од Охрид и, иако ја сакам својата земја, сепак, морав да се одлучам на ваков чекор. Маката ме натера да дојдам во Јесенице, тука барем знам зошто работам“, беа првите зборови на Јовче.
„По професија сум сообраќаен инженер, но веднаш по дипломирањето барав работа според струката, а откако не ја најдов прво решив да се пријавам во Агенцијата за вработување. Но, до ден-денес никој не ми се јавил. Бидејќи немав друг избор, почнав да работам како таксист. Заработувачката беше минимална, не можев да си ги покријам основните трошоци. Не бев во можност да вратам ни кредит од 100 евра. Откако дојдов во Словенија, конечно успеав да го вратам долгот“, вели охриѓанецот, кој беше пресреќен што токму Јесенице е домаќин на групата во која игра Македонија.
Зошто го одбра токму Јесенице? Како стигна до тука?
„Тука дојдов со еден другар по потекло од Босна. Прво немав работна виза, а откако истекоа шесте месеци за престој како турист се обидов да работам на црно, но не’ протераа. Не сакав во никој случај да се вратам назад во Македонија, па веднаш извадив бугарски пасош“, раскажува Јовче. „Работам како бравар во фирма за инокс. Заработувам 800 евра месечно, што е доволно за нормална живејачка“, вели охриѓанецот, кој поради кризата заедно со сопругата биле принудени да бидат разделени. „За жал, мојата сопруга мораше да остане во Охрид. Но, за краток период и таа ќе дојде тука да живее. Треба да досреди некои работи таму. Со оваа плата ги покривам основните трошоци и ми останува по некој денар да пратам во Охрид. Има многу Македонци. Повеќето на времето дошле да работат во железарницата, која не успеа да опстане. Сега работи само мал дел, кој е во сопственост на Руси“, објаснува Јовче.
Дел од Македонците, поточно нивните деца што се родени токму во Јесенице, не знаат ниту еден македонски збор и никогаш не дошле да ја посетат Македонија. Според Јовче, најбројни се кочанците.
„Има млади деца чии родители се од Македонија, но тие не знаат ниту еден македонски збор, а никогаш не ја ни посетиле нашата земја. Има и такви што, и покрај тоа што нивните деца се родени во Словенија, инсистираат да го научат македонскиот јазик“, заврши Јовче, преиспитувајќи се да не заборавил да ни открие уште нешто.
Целата сторија на – Утрински весник