Во 2013 година вкупно 1.572.371 Македонци се упатиле кон трите гранични премини што водат кон Грција. Во првото полугодие од годинава, Богородица, Стар Дојран и Меџитлија ги преминале 708.089 домашни посетители. A за споредба, ова лето во Охрид може да се оцени како едно од најлошите, според бројот на домашните посетители, пишува Дневник.
Од Асоцијацијата на хотелиери на Македонија – ХОТАМ изнесоа податок дека нема повеќе од 600 Македонци на летување во најразвиениот туристички град во земјава, ако се исклучат тие што имаат станови во Охрид. Но, и тие во последно време се воздржуваат од одење таму, најчесто поради лошите временски услови.
По претпоставка дека ако вкупната бројка излезени патници се подели со четири члена, колку што е просечно бројот на едно македонско семејство, значи дека во 2013 година во Грција биле околу 390 илјади семејства. Ако претпоставиме дека секое семејство потрошило најмалку 500 евра, колку што се потребни за летување, ќе се добие податокот оти минатата година македонските туристи во Грција оставиле минимум околу 196 милиони евра.
Во првите шест месеци од оваа година, пак, според истата претпоставка дека станува збор за четири члена од семејство, Стар Дојран, Богородица и Меџитлија ги минале 177 илјади семејства. Ако секое од нив потрошило околу 500 евра, цифрата што ја зедовме како просек, тоа значи дека досега Македонците во Грција оставиле околу 88 милиони евра.
Ако зборуваме за Охрид, вели Дончо Танески од ХОТАМ, просечно македонско семејство за седумдневно летување таму не би потрошило повеќе од 400 евра, во зависност од тоа каков тип сместување изнајмиле.
– Студио во Охрид, кое може да прими четиричлено семејство, би чинело околу 280 евра за десетина дена, слично како и во Грција, но за разлика од таму, пак, продуктите кај нас се поевтини. На пример, поевтини се и јадењето и пиењето, но и овошјето и зеленчукот, а на одредени плажи во Охрид има исти цени како и на плажите во Грција – појаснува Танески.