Ни големите казни ни заканите и честите контроли од инспекторите не ги спречуваат сопствениците на овоштарници во северна Грција да ангажираат сезонски работници од соседните земји за работа на црно. Сопствениците на овоштарниците се жалат дека ако ги почитуваат сите законски прописи, ќе мора да се откажат од бизнисот бидејќи зголемувањето на давачките за странските сезонски работници им ги зголемува трошоците, а Грците не се доволно заинтересирани за таква аргатска работа, пишува Дневник.
Сезонските работници што ги ангажираме доаѓаат главно од Македонија и од Албанија. Остануваат најмногу до три месеци, а дневниците што им ги плаќаме се од 15 до 25 евра, во зависност од толку време работат. Деновиве, на пример, времето беше врнежливо и работеа само по два-три часа, па не им исплативме цели дневници – ни изјави М.С., сопственик на овоштарник во северна Грција.
Тој вели дека сезонците главно се сместуваат во куќите на газдите, а од инспекциите се штитат меѓусебно со соседите.
– Сега имаме Македонци што берат праски. Не се пријавени, секако, ама ако дојде инспекција, кажуваме дека ни се пријатели и дека ни помагаат. Така ни одговара и нам и на работниците. Освен тоа, соседите секогаш предупредуваат ако доаѓа инспекција – додава нашиот соговорник. И едниот и другиот сопственик на овоштарници ни велат дека ако не се Македонците и Албанците, кои навистина сакаат да работат, нема кој да им работи бидејќи Грците не се баш расположени за земјоделски работи.
Инаку, според грчкиот закон, еден производител ако сака да ангажира странски работник, ќе мора да плати за секој по 180 евра за работна виза, како и околу 500 евра за два месеца осигурување. До минатата година, пак, трошоците за процедурата за ангажирање еден работник биле до 200 евра за виза, за депозит и за осигурување, а од годинава со сите давачки тие стигнуваат речиси до 1.200 евра.