Макрадули: За шест месеци казнети 242 загадувачи на животната средина


Само во првите шест месеци од годинава државните инспектори казниле 242 субјекти и загадувачи на животната средина, што е значително повеќе во однос на лани, кога биле изречени 110 казни, истакна денеска заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули на презентацијата на проектите од областа на животната средина, кофинансирани преку повеќе инструменти на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

– Тоа го имаат направено инспекторатите од Инспекторатот на Град Скопје. Нашите анализи на Државниот инспекторат кажуваат дека редовните контроли се дуплирани, што значи во секоја инсталација што постои (инспекторите) отишле на вонреден преглед. По еколошката катастрофа што се случи пред петнаесетина дена во реката Вардар е изречена најголемата казна што досега е наплатена во нашата држава. Има кривични пријави кои што се поднесени против луѓе кои палат кабли, прекршочни пријави против луѓе кои го истураат шутот на несоодветни мести. Тие се координари секојдневни акции кои постојат. Деновиве сме сведоци дека делува координирата акција и немаме примери на злоупотреба, бидејќи очигледно и тие станаа свесни дека не им се исплатува тоа што го прават, изјави Макрадули одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на лани, според него, профункционирале четири нови мерни инструменти, завршен е тендерот за калибрација на преостанатите пет инструменти во Гостивар, Кичево, скопско Лисиче и Велес, а деновиве ќе бидат инсталирани и преостанатите мерни инстурменти. Тој додаде дека во една мерна станица има пет, шест или седум мерни инструменти во зависност од тоа што мераат.

На новинарско прашање околу тоа што предизвикало Кочани вчера да биде најзагаден град во земјава, Макрадули рече дека и таму имало неколку вонредни контроли и дека сите А инсталации што не припаѓаат на Државниот инспекторат за животна средина се координираат и во редовни и во вонредни наоди и оти јавноста постојано ќе биде информирана за резултатите.

– Во Кочани има неколку објекти, индустриски погони. Ќе го решиме тој проблем, бидејќи веќе има некои одлуки кои Инспекторатот ќе ги преземе. Направени се неколку вонредни инспекции во неколку објекти. Утре ќе одам во посета на Кочани, рече тој.

Заменик министерот Макрадули рече дека она што се покажало како слабост е префрлањето на одговорноста и затоа Владата одлучила да направи координирана акција на сите инспектори, кои можат да реагираат на терен во заеднички акции заедно со помош на Министерството за внатрешни работи.

– Ефектот е очигледен. Нема палење на кабли, на стрништа. Верувам дека овој пристап заедно со законот за комунална инспекција што треба да биде усвоен ќе донесе една поинаква слика за тоа како се врши инспекцијата, рече Макрадули.

Макрадули информира дека во драфт верзијата на новиот закон за комунална инспекција, на комуналните инспектори им се даваат поголеми ингеренции во делот на сите комунални услуги. Тој очекува законот да биде донесен до крајот на годината, што ќе зависи од, како што рече, настаните што течат во Парламентот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1