Сексуални работници, стриптизети и стриптизери, масерки, ескорт дами, хот лајн операторки, активисти за човекови права и нивни поддржувачи напладне со отворени црвени чадори ќе маршираат од улица „Македонија“ до плоштадот на влезот на старата скопска чаршија.
Целта на маршот е да се укаже дека работните и животните услови за граѓаните кои се одлучиле за оваа професија се субстандардни и лоши. Организатор на настанот е граѓанската Иницијатива за унапредување и промоција на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР Скопје.
„Со овој настан би сакал да ја информираме јавноста за големиот број на сексуални работници во Македонија и да ја пренесеме загрижувачката состојба за безбедноста и условите во кои што живеат и работат. Во последните неколку години, најлошите и најраспространетите насилства врз сексуалните работници произлегуваат од хистеријата поврзана со трговијата со луѓе, пропаганда која предизвикува морална паника и од која стравуваат и самите сексуални работници.
Македонија како земја членка на Обединетите нации и членка на Советот за човекови права, потписник на Виенската декларација за човекови права е обврзана активно да работи на подобрување на состојбите со човековите права и слободи, како на национално така и на меѓунардно ниво. Институциите на нашата држава треба да се стремат кон реафирмација на основните принципи за универзалност и неделивост на човековите права“ – посочуваат од СТАР-СТАР.