Масло од канабис без лекарски рецепт ќе се најде на рафтовите во аптеките низ земјата. Ќе содржи пониско ниво на психотропната супстанца, а граѓаните ќе можат да го купат кога сакаат и во колкава количина сакаат. Лекарите потенцираат дека маслото е безбедно да се користи на своја рака.
-Очекуваме наредна недела веќе да го имаме во аптеките. Ќе се смета како граничен производ, бидејќи не ја содржи во висок процент психортропната супстанца, а сепак има одредени лековити дејства кои што ќе бидат наведени во упатсвото за употреба. Самото тоа што има низок процент на супстанцата, не е опасно да се зема и без лекарски рецепт, изјави директорката на агенцијата за лекови,Марија Дарковска – Серафимовска.
Маслото од канабис со повисок процент на психотропната супстанца, ќе биде достапно за граѓаните во јуни, по едукацијата на лекарите која стартува денеска.Ќе се дава исклучително на лекарски рецепт, по утврдена дијагноза.
-Нашата цел не е само механичко препишување и зголемување на дозите, туку да навлеземе во самата суштина на дејството на активните супстанци, вели директорот на Онкологија, Милан Ристески.
Маслата од канабис што ќе се најдат во аптеките низ земајта се`уште немаат дефинирано цена.Се знае само дека ќе се произведуваат тука, а лиценца за производство засега има само една фармацевтска компанија.