Конзервативната Христијанско демократска унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел доживеа тежок удар на денешните избори за членови на покраинскиот Парламент на Берлин, забележувајќи досега најлош изборен резултат во главниот град на Германија во својата историја, јави ДПА.
Според излезните анкети од денешните покраински избори во Берлин, ЦДУ освоила 18 отсто од гласовите, заостанувајќи зад нејзиниот коалициски партнер на сојузно ниво, Социјалдемократската партија (СДП), која добила околу 23 проценти гласови.
Иако неговата партија освои помалку гласови во однос на изборите во 2011 година, актуелниот берлински градоначалник, социјалдемократот Михаел Милер изрази задоволство од резултатите, прогласувајќи изборна победа,
– Ја остваривме нашата цел. Добивме мандат да формираме влада, изјави Милер.
Лошите изборни резултати на ЦДУ, според аналитичарите, се должат првенствено на прелевање на нејзините гласачи кон десничарската и антиимигрантска партија Алетрантива за Германија (АФД), која според излезните анкети, освоила 12,5 проценти од гласовите и првпат ќе биде застапена во Парламентот на Берлин.
Со денешниот успех, АФД сега ќе има свои пратеници во парламентите на 10 од 16-те германски сојузни покарини.
Покрај во Берлин, АФД има пратеници и во парламентите на Баден-Виртенберг, Брандербург, Бремен, Мекленбург-Форпормерн, Рајнланд-Палатин, Саксонија, Сакоснија-Анхалт, Турингија и Хамбург