Сашо Мијалков, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, бара судот да му го вати пасошот за да оди да се лекува во странство, пишува Независен.
Мијалков отишол во СЈО со еден куп медицинска документација со која побарал да му биде вратен пасошот кој му се наоѓа во Кривичниот суд како една од мерките за претпазливост, откако беше пуштен од притвор за случајот „Титаник 2“.
Специјалното јавно обвинителство испратило негативен одговор до Кривичниот суд, односно обвинителката која го води случајот, Фатиме Фетаи, проценила дека Мијалков нема доволно аргументи за да му биде вратен пасошот, а мислењето оттаму било потпишано од шефицата Катица Јанева или од нејзините заменички.
Од Кривичниот суд потврдија дека Мијалков месецов поднел барање да му се врати пасошот, но Кривичниот совет уште не донел одлука. Сепак, оттаму велат дека поранешниот директор и претходно си го барал пасошот назад, а месецов го поднел последното барање.