Мицкоски: Го повикувам Заев на тет-а-тет средба


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во Дневникот на Сител го повика премиерот Зоран Заев на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници, за да разговараат за кризата со пандемијата, работата на Парламентот, за пописот, економијата, евроинтеграциите, изборите…

– Стојам на располагање, ќе го прилагодам моето време, така како што нему му одговара, да разговараме за сите проблеми кои се од животно значење за граѓаните, од кризата со пандемијата до работата на Парламентот, за што е денеска отворено, а не решено. Зборувам за тет-а-тет средба како двајца претседатели на двете најголеми политички партии кои имаат повеќе од две третини пратеници во рамките на Парламентот. Го повикувам, се надевам дека нема да бидам погрешно сфатен од страна на останатите политички лидери, бидејќи целта ми е навистина искрена. Целта е да се постигне консензус меѓу двете најголеми политички партии, рече Мицкоски во гостувањето во Дневникот на телевизија Сител.

Подготвен сум, посочи тој, да разговарам на која било тема.

– Оставам на него и за пописот да разговараме и за пандемијата, и за економијата и за блокираните евроинтеграции. Да разговараме буквално апсолутно за се, и за избори, и за експертски влади, широки влади, концентрациони, спас национален, за се, да седнеме колку треба да поразговараме. Граѓаните тоа го очекуваат од нас, очекуваат од претседателите на двете најголеми политички партии да седнат и да постигнат консензус околу клучните прашања, затоа што состојбата во државата е во грч, граѓаните се во грч, рече Мицкоски.

Потенцира дека граѓаните очекуваат определено релаксирање посебно сега во услови на пандемија, посебно сега кога се приближуваме кон пикот на овој трет бран.

– За економската ситуација веќе да не зборуваме, имајќи предвид дека состојбата лична, семејна на голем број македонски семејства е веќе на работ на издржливост и пристоен живот, додаде Мицкоски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1