Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата Анализа на ТВ 24, вели дека добро е бугарскиот премиер Кирил Петков при утрешната посета во државата да одговори кој го кренал Илинденското востание, дали Гоце Делчев е Македонец и зошто бара македонскиот јазик да стои со фуснота кога тој претходно е кодифициран.
-Да се вратиме на изјавите на тогашната министерка за надворешни работи Захариева, отприлика таа беше реториката и тогаш во тоа време, не го негираат постоењето на современиот македонски јазик и македонски народ, но имаат определени задршки кога станува збор кога според нив тој народ постои, од кога постои македонскиот јазик, Илинденското востание е Преображденско, тоа го кренал Бугарскиот народ, дека Гоце Делчев е дел од бугарскиот народ. Така што реториката е буквално иста, прашањето е само како е сето тоа спакувано, потенцираше тој.
-Затоа ве молам вие новинарите утре поставете му ги овие три прашања, дали бил Македонец и дел од македонскиот народ кој што е различен од Бугарскиот народ, Гоце Делчев, кој бил тој кој го предводел Илинденското востание и зошто мора секогаш да се инсистира кога станува збор за македонскиот јазик со фуснота да стои согласно Уставот на Македонија, односно индиректно се имплицира дека тој постои практично со постоењето на Уставот, од 91та година, а претходно тој е кодифициран сите ние знаеме. Така што ако одговори така како што очекувам Петков тогаш нема повторно ќе кажам пречки да почнеме преговори уште веднаш, вели Мицкоски.