Состојбата на јужната и северната граница е стабилна и мирна информираат од МВР. На Табановце нема задржување. На југот, кај граничниот камен 59 состојбата е без промени. Се пропуштаат само државјаните кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак.
На грчката страна има околу 1.000 економски мигранти на кои не им е дозволен влез. Тие доаѓаат од Пакистан, Сомалија, Мароко и од Африканските држави. Состојбата е мирна за разлика од вчера кога имало неколку поединечни обиди за поминување насила на македонска територија. Припадниците на полицијата и армијата биле гаѓани со камења. Ситуацијата за кратко време била ставена под контрола.
Во изминатите 24 часа полицијата издала 2.724 потврди. Најмногубројни се Сиријците. Меѓу нив има и 216 деца кои патуваат без родители. Од јуни годинава, издадени се 284.299 потврди за поднесување барање за азил. До секторот за азил се поднесени 80 барања.