Министерство за здравство: Упис во училиште ќе може да се врши и без вакцинален лист


Министерството за здравство се предомисли, нема да бараат вакцинирањето да биде услов за упис во училиште. Заменик министерот Гоце Чакаровски вели дека ги услогласувале ставовите со образование и ќе бараат механизми како да ги убедат родителите дека вакцините се безбедни и квалитетни.

– И не е точно дека ние сме работеле децата да не можат да се упишат во градинка или пак во училиште. Ние ќе бараме начин да ги убедиме родителите кои се скептични дека вакцините се безбедни и ќе ги убедиме дека ќе набавиме најквалитетни вакцини, вели Гоце Чакаровски, заменик министер за здравство.

Оваа изјава од здравствените власти доаѓа по вчерашниот став на Министерството за образование дека одењето во училиште е уставно право за сите деца.

Во Уставот на Република Македонија, е наведено дека основното образование е задолжително. Ова значи дека ниту едно дете не смее да остане надвор од образовниот систем, изјавија од образование.

Законска и задолжителна обврска е и имунизацијата на децата, иако според заменикот Чакаровски тоа било индивидуално право на родителот дали детето ќе го носи на вакцинирање.

– Индивидуално право е на секој родител да одлучи дали ќе го вакцинира своето дете или не, меѓутоа како Министерство за здравство мора да водиме сметка за колективната безбедност, бидејќи едно невакцинирано дете, а инфицирано може да биде причина за инфективно заболување кај многу дечиња, вели Чакаровски.

Поради непочитување на законот, лани околу 130 родители добиле прекршочни пријави од Државниот санитарен и здравствен инспекторат поради невакцинирање на децата.

Од денеска почнува Европската недела за имунизација. Здравствените власти ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе ги бараат невакцинираните деца, особено оние кои не ја примиле МРП вакцината.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1