По една несреќна случка со погрешен идентитет, на родители од Аљаска им олесни кога открија дека нивниот син е жив и здрав во домот на неговата девојка. Во четвртокот во 3 часот изутрина на вратата на Карен и Џеј Прист од Аљаска затропал полицаец кој им кажал дека нивниот 29-годишен син Џастин загинал во сообраќајна несреќа, пренесува Асошиејтед Прес.
Ожалостените родители се јавиле кај сите роднини и отишле во домот на нивниот втор син Коди да му ја пренесат тажната вест.
Но кога стигнале во домот на девојката на Џастин, Џулија, за да ја споделат информацијата што им ја кажал полицаецот, тие се шокирале кога токму Џастин ја отворил вратата. Тој не знаејќи за грешката се збунил кога ја видел неговата фамилија како плаче, но овој пат од среќа.
-Не знаев зошто викаат и плачат. Уште бев поспан. Почнаа да викаат: „Слава на Бога! Ова е чудо!“, изјавил Џастин за АП.
Откако му ја објасниле целата случка, Џастин се јавил во полициската станица да им каже дека идентификувале погрешна личност. Полицијата се извинила за болката што ја нанела на семејството.
Според командирот на полициската станица, полицијата всушност му дала наредба на еден од нивните вработени само да ја контактира фамилијата и да дознае дали жртвата е нивниот син, а не да ги извести дека нивниот син е загинат.
Вистинската жртва и Џастин всушност имале исто име, но биле на различна возраст, ден на раѓање и различно средно име. Полицијата ја известила фамилијата на вистинската жртва во четвртокот попладне.