Познатата американска водителка, Џоди Хјузентрут, мистериозно исчезнала пред 20 години, а нејзиното исчезнување до денес не е разјаснето. Сепак, две децении подоцна, се појавиле два нови сведока, па сега полицијата се надева дека конечно ќе го расветли случајот.
Хјузентрут исчезнала на 27. јуни 1995. година во Мејсон Сити во Ајова. Соседите рекле дека слушнале женски врисок нешто по четири часот наутро, и дека виделе бело комби на паркингот.
Полицијата верува дека Хјузентрут била киднапирана на паркингот пред куќата, додека брзала да дојде на работа, бидејќи на тротоарот биле пронајдени нејзините чевли, лак за коса, фен и обетки, пренесува Telegraf.rs.
На нејзиниот автомобил бил пронајден нецелосен отпечаток од дланка, но полицијата не успеала да најде осомничен на кој отпечатокот одговарал.
Дваесет години подоцна, нејзината колешка, новинарката Керолин Лоув и пензионираниот полицаец Џеј Алберио, имаат нова теорија за нејзиното исчезнување, пишува Fox 9.
Тие бараат отворање на истрага против серискиот силувач Тони Дијуан Џексон, за кого се сомневаат дека ја киднапирал новинарката, бидејќи тој ден бил виден во близина на нејзиниот дом.
Џексон во меѓувреме бил уапсен за силување на три жени во 1997. година, и моментално издржува доживотна затворска казна.
Tocka.com.mk