24-годишниот Јаков Милетиќ од Младеновац беше пронајден мртов завчера утрината на колосекот во тунелот недалеку од железничката станица во Топчидер, а според информациите на полицијата, бил усмртен од воз.
Смртта на момчето не е разјаснета, а неговиот татко Предраг Милетиќ вели дека од полицијата му рекле само дека неговиот син е најден мртов на пруга.
-Знам дека е најден кај железничката станица, прегазен. Во полициската станица ми рекоа дека го затекнале мојот син на пруга, три-четири километри од станицата во Топчидер. Ми ги покажаа неговите работи и по тоа препознав дека е мојот син. Официјален извештај од полиција се уште не сум добил, така што не знам што се случило – рекол таткото на момчето.
Предраг наведува дека ништо не наговестувало дека неговиот син може да изврши самоубиство.
-Беше апсолвент на Градежниот факултет во Белград и студент втора година на Природно-математичкиот факултет. Држеше консултации по математика на ученици и студенти, а имаше и предавања во амфитеатарот на Градежниот факултет. Беше многу успешен во натпревари по математика. Исто така играше американски фудбал во клубот во Младеновац, а беше и тренер и судија – рекол таткото.
Посочил дека неговиот син живеел со другарот во населбата Браќа Јерковиќ, но дека понекогаш сакал сам да се шета.
Нагласил дека неговиот син немал љубовни проблеми поради кои би можел да се самоубие.
-Имаше две долги врски и немаше емотивни пробмели – додал Предраг.
Родителите и семејството чекаат да биде завршена обдукцијата на Институтот за судска медицина, после што се очекуваат повеќе информации за смртта на Јаков.