Коста Крпач, кој беше сопственик на фирмата „Фензи“ која во име на УБК купила прислушна опрема од Велика Британија се самоубил, но не се знае кој му се заканувал после полицискиот претрес кој бил извршен во неговиот дом на 6 април годинава, велат од Основното јавно обвинителство (ОЈО). Неговиот мобилен телефон „сони“, според јавното обвинителство, ниту еден домашен експерт не успеал да го „отвори“, односно да го декодира за да може ОЈО да види со кого Крпач комуницирал.
Додека не се најде начин, тој телефон иако е во ОЈО ќе чува мистерии за последните денови на Крпач. Истрагата открила дека на 7 април бил повикан на сослушување во СЈО, каде тврдел дека некој му се заканува. Но, кој и зошто не знаеме бидејќи тој податок СЈО не ни го дава, велат од Основното јавно обвинителство.
Семејството на Крпач, велат од ОЈО, барало да се дознае зошто тој се самоубил.
– Неговите најблиски ни кажаа дека после претресот дошло до промена на неговото расположение. Дента Коста од терасата почнал да пука неконтролирано. Тоа го видел пензиониран полицаец кој минувал под неговата тераса и по телефон ја алармирал полицијата – велат од ОЈО.
Испрашани биле вкупно 19 сведоци, од кои 10 полицајци кои учествувале во претресот по неговото самоубиство. Крпач се самоубил со својот пиштол за кој имал дозвола. Од ОЈО велат дека неколку пати побарале од СЈО да им кажат кој му се заканувал на Крпач, но дека досега не добиле одговор.
Побаран бил и разговор со лекарот на Крпач од една позната приватна клиника во Скопје. За дел од лекарите кои се грижеле за него ОЈО има исказ, за дел не поради законски пречки. ОЈО не знае дали Крпач бил богат, но знае дека неговата промена во расположение ја забележале неговите пријатели.