Финансиските приходи на Јавниот сервис Македонска радио телевизија за годинава ќе изнесуваат 822.500.000 денари, за 32 отсто помалку во однос на минатогодишните, предвидува финансискиот план на Јавниот сервис што денеска беше усвоен на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.
Од планираните приходи, од државниот Буџет се обезбедени 700 милиони денари или 0,5 отсто од Буџетот на РМ.
Како што рече Смилка Јаневска Саркањац, претставник на Програмскиот совет на МРТ, има најава парите од Буџетот да се зголемат на 0,7 отсто, но се уште нема официјална потврда.
Според Саркањац, расходите се усогласени со приходите при што трошоците за вработените изнесуваат 391.050.000 денари. За набавка на опрема и техника како еднократен трошок треба да бидат наменети 1.800.000 евра, а 1.200.000 евра за нови вработувања и за останати трошоци по тој основ.
Одговарајќи на прашање од пратениците, Саркањац рече дека во МРТ за годинава треба да има 90 нови вработувања во Вториот програмски сервис на албански јазик кој треба да стартува со 24-часовно емитување, како и во Третиот канал за немнозинските заедници.
Во Финансискиот план и натаму останува ставката во износ од 32.000.000 денари за договори со производители на домашна музика со оглед дека планот бил подготвен во октомври кога се уште немало најава дека тие пари нема да бидат дел од приходите. Кога ќе престане да важи таквата законска обврска, како што рече Саркањац, парите ќе се пренаменат со ребаланс.
Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска треба да расправа и за годишните програми на агенциите за пошти, за регулирање на железничкиот сектор и за цивилно воздухопловство