Македонската Радио Телевизија како членка на Европската Радиодифузна Унија, донесе одлука со која се дефинира учеството на Македонија на претстојното 61-то издание на најголемиот меѓународен музички фестивал во Европа – ИЗБОР ЗА ПЕСНА НА ЕВРОВИЗИЈА кој ќе се одржи во мај 2016, во Стокхолм, Шведска.
МРТ одлучи годинава, на овој престижен и реномиран музички натпревар, честа за претставување на Јавниот национален радиодифузен сервис и Македонија, повторно да и се довери на најголемата македонска поп-рок ѕвезда, но и на едно од најголемите балкански афирмирани музички имиња – Калиопи.
-Убедена сум дека ова ќе биде мојата животна интерпретација, дека тие три минути ќе ги претворам во вечност и ќе направам секој еден Македонец каде и да е, да се чувствува горд !“ – изјави Калиопи, македонскиот евровизиски претставник за Стокхолм 2016.
МРТ не се сомнева дека со изборот на Калиопи за македонски претставник на Евросонг 2016 ќе се добие комплетен “евровизиски музички пакет” – спој на атрактивност, автентичност и исклучителни вокални можности во контекст на достојното претставување на Македонија пред европската и светска културна јавност.
Нејзиното прво учество на Евровизија во 2012-тата година со песната “Црно и бело” и овозможи на Македонија влез во големото финале, оставајќи силен впечаток кај целокупната музичка јавност и публика, што сеуште трае.
Со богата музичка биографија како интерпретатор, автор и инструменталист, позната и призната не само во Македонија туку и на Балканската музичка сцена, Калиопи соработува со врвни авторски имиња од балканското музичко миље. Нејзиното истенчено чувство за сценски перформанс , маркантниот и оригинален артизам, и овозможија низа на хит рефрени кои се слушаат и се препознаваат не само на македонската, туку и на балканската музичка сцена и пошироко.
Сигурни сме дека соработката на МРТ, со добро познатата комбинација, на поп дивата Калиопи и композиторот Ромео Грил којшто и овој пат ќе биде автор на македонската евровизиска композиција, ќе резултира со модерен, атрактивен евровизиски производ , со афирмативен национален карактер, се вели во соопштението.
Официјалното претставување на композицијата со која Македонија ќе се натпреварува во Шведска 2016, ќе се случи на Македонската телевизија и пред македонската јавност на крајот на февруари идната година.
Извор: Курир.мк