Бугарскиот амбасадор во земјава бил повикан на разговор во врска со објавувањето на дипломатската нота за патувањето на сопругата и синот на премиерот Мицкоски. Министерството за надворешни работи и трговија очекува од Софија не само објансување, туку и темелна истрага за тоа како дипломатски документ процурил во јавност.
Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на прес-конференција рече дека досега ниту бугарскиот амбасадор, ниту Министерството за надворешни работи на Бугарија не дале објаснување за, како што вели, дипломатскиот пропуст.
Потсети на неодамнешиот случај со палењето на дипломатските возила од стрaна на македонски граѓанин, случај што институциите веднаш го осудија и брзо реагираа со приведување и санкционирање на сторителот.
Објавувањето на дипломатската нота, Муцунски го оцени како апсолутно неприфатлив начин на комуникација меѓу две држави и побара извинување и брз одговор од бугарските институции.
– Кога се во прашање движењата на членови на семејствата на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се движат семејства на високи странски претставници, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност. Доколку тоа се случи, првиот чекор што би го направил е да се извинам на таа држава, рече Муцунски.
Вчера за ова свој коментар даде и премиерот Мицкоски кој оцени дека по ова односите со Бугарија не одат во позитивна насока. За случајот, како што рече, ги информирал и партнериите од НАТО.










