Муслиманите во Република Македонија и во светот, денеска го слават Рамазан Бајрам. По едномесечниот пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, денеска во сите џамии се служи утрински Бајрам-намаз.
Поголемиот дел верници од исламска вероисповед овој празник го слават три дена. Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, воедно е и месец на почетокот на објавата на Куранот.
Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена. Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање.
Кај муслиманите Бајрам се честита со зборовите „Бајрам шериф мубарек олсун“, што во превод значи „Нека е благословен племенитиот Бајрам“.
Одговорот е: Алах рази олсун (Нека Алах биде задоволен од тебе).