Триесет и пет годишниот Мустафа Шефаит кој пред два дена со автоматска пушка пукаше во сопствениот брат Ќемал во карбинското село Ебеплија на планината Плачковица утринава во девет часот самиот се предал на полицијата, информираат од СВР-Штип.
Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова за МИА вели дека лицето е во полициска станица и со него се води разговор за расчистување на случајот.
Повеќе детали од СВР-Штип најавија во текот на денот или најдоцна утре.
Жителите кои живеат во Плачковичките села по настанот беа уплашени и бараа полицијата да го фати, сметајќи дека е агресивен и опасен со автоматска пушка.
Шефаит на месното население и е познат по трикратното убиство во карбинското село Карбинци. Убиствата ги изврши во март 2000 година, кога со ловџиска пушка смртно застрела три, а тешко рани две лица од оваа село. Заработи казна затвор од 20 години по што казната му е намалена на 16 години. Пред година и пол излегол од затвор.