Музичарите со забeлешки за новиот закон за хонорари


Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) не се согласува со обврската за данок од 35 отсто за секој хонорар повисок од 9.000 денари, кој треба да стапи во сила од 1 јануари 2015 година. Ставот го соопштија претседателот на СМУМ, виолинистот Љубиша Кировски, и негови колеги изведувачи на класична музика, кои бараат дијалог со Министерството за култура.

Според нив, носење закон без да се консултираат засегнатите е избрзан чекор и бараат од Владата и од ресорното Министерство да ги слушнат нивните забелешки. Заклучоците ќе му ги достават на Министерството.piano-dealers5

– Со децении наназад музичките уметници добиваат хонорари кои се срамни. Со тој хонорар треба да се плати сала, треба да се плати ЗАМП, да се изнајми клавир и да се плати неговото штимање. Со овој данок од 35 отсто ние ќе треба од наш џеб да си доплатиме за да свириме концерт. Мислам дека целиот закон е избрзан и дека Владата треба да размисли за оваа постапка, рече Кировски.

За него е чудно, како што рече, што од друга страна државата субвенционира поп и фолк песни и фестивали за таков вид музика кои се финансираат со многу големи буџети.

– Дали државата и културата како репрезент во светот треба да ја престатвуваат музички уметници или фолкери и поп-пејачи кои земаат по 20.000 евра за триминутни песнички. Треба да седнеме на маса со претставници од Министерството и да разговараме за сите овие отворени теми, рече Кировски, нагласувајќи дека не се партиски определени а имаат потреба да го искажат своето, различно мислење.

Обоистот Васил Атанасов додаде дека со данокот од 35 отсто музичките уметници ќе бидат тотално деморализирани и ќе немаат идеја за натпревар и за усовршување.

– Уметниците се најранливата категорија и сметам дека Министерството за култура ќе го слушне нашиот став. Имаме колеги кои чекајќи вработување со години мора да работат хонорарно, со договор или на т.н. тезги. Кога ќе му се одземат толку пари на тој млад колега и уметник, за него не останува сатисфакција, рече Атанасов.

Пијанистот Тодор Светиев додаде дека со новото решение се обезвреднува нивниот труд. – И онака нашите дотации се минимални и кога ќе се додадат и овие давачки, тоа ќе биде симболика која ќе не маргинализира. Ваков закон можеби нуди решение за некој проблем, но генерира уште поголеми проблеми, рече Светиев.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1