Министерството за внатрешни работи формирало посебни оперативни штабови кои ќе бидат активни за цело време на прославата на Илинден, но и за време на фудбалскиот натпревар Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид на 8 август во Скопје , велат од МВР на прашање на Плусинфо во врска со информациите што ги лиферуваше ВМРО – ДПМНЕ дека за време на илинденската прослава можни се инциденти и насилства.Полицијата, гарантира дека прославата на 2 Август ќе помине во најдобар ред.
-Министерството за внатрешни работи ги презеде сите потребни мерки и активности за да чествувањето на националниот празник Илинден помине во најдобар ред. Македонската полиција има доволно капацитети за да ја гарантира безбедноста на граѓаните, односно да се овозможи непречено и мирно одржување на предвидените манифестации по повод празникот. Наедно, МВР и за Илинден и за 8 август, за кога е предвидено одржувањето на натпреварот од суперкупот на УЕФА меѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид во Скопје, формира посебни оперативни штабови со цел овие настани да поминат во најдобар ред – вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.